Актуелниот шампион на Македонија, Е. Пелистер славеше над најтрофејниот Вардар со 29-25 на домашен терен во меч од 8. коло од новата сезона во ракометната Суперлига. Вардарци кои бараа да се одложи овој дуел поради проблемот со вирозата која го зафати тимот, се виде уште од самиот старт дека енергетски не е подготвен за ваков натпревар, но и покрај тоа успеаја да ја задржат позитивата од пет гола од првиот меч сезонава.
Домаќините го имаа првиот напад во кој веднаш добија пенал, кој успешно го реализираше Руди Сери за почетно водство од 1-0 за битолчани. Вардарци израмнија на 1-1, по што „пелистерците“ со два гола во низа во 3. минута за првпат стигнаа до плус два (3-1). Вардарци грешеа во нападот, а тоа на најдобар можен начин домаќините преку две контри во петата минута стигнаа до високи плус четири (5-1), по што Владо Недановски мораше да го побара првиот тајм-аут. И по минутата пауза продолжија грешките на вардаровите ракометари, па со два брзи гола Пелистер стигна и до плус шест (7-1). Серијата од шест гола во низа за домаќинот ја прекина Срдановиќ во 10. минута кога успеа да намали на 7-2.
Во следниот период домаќините успеваа да ја задржуваат предноста од четири до пет гола, па по 20 минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 12-7. Избраницитена Јовиќ продолжија со одличната игра, па со погодокот на Русинот, Василев во 22. минута Пелистер стигна и до плус седум (14-7) по кои Недановски мораше да го побара и својот втор тајм-аут. Ниту тоа не им помогна на ракометарите на Вардар, бидејќи Гедбан со својата четврта одбрана му дозволи нов лесен гол на Сери за плус осум (15-7). До крајот на првото полувреме домаќините успеаја да ја задржат големата предност и на пауза да заминат со позитива од 18-11.
Гедбан продолжи да доминира и на стартот на второто полувреме. Неговата седма одбрана, доведе до нов лесен погодок за тимот од Битола, за повторно највисоки плус осум (19-11). Пелистер продолжи да го меле својот противник, а по третиот нереализиран пенал за гостите, домаќините првпат стигнаа и до девет гола предност (22-13) во 40. минута. До крајот гостите успеаја да го ублажат поразот за конечни 29-25 и гол предност во меѓусебните дуели.
Домен Тајник со пет гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените по четири постигнаа Родригез, Лазаревски и Срдановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА