Милан го загуби првото место на табелата откако „росонерите“ претрпеа пораз од 0-1 на големото дерби со Јувентус, меч во кој клучен момент беше црвениот картон на Тиав по стартот врз Кеан. „Росонерите“ го контролираа дуелот се до тој момент пред крајот на првото полувреме, по што Јувентус воспостави контрола на средината од теренот и со среќниот гол на Локатели стигна до победата.
Домашниот тренер Стефано Пиоли не го криеше разочарувањето по конечниот исход на овој натпревар на кој „росонерите“ очекуваа три бода и задржување на првата позиција.
„Владее голема доза на тензија и разочарување во нашиот табор, ова дефинитивно не е резултатот што го посакувавме. И кога игравме со 11, но и подоцна со десет фудбалери не бевме инфериорни на Јувентус, затоа и толку боли, бидејќи верувам дека можевме да дојдеме до позитивен резултат. Црвениот картон беше заслужен, тоа беше наивна грешка, како индивидуална, така и колективна, моравме да изреагираме подобро во таа ситуација. Овој пораз воопшто нема да влијае на нашата самодоверба, по поразот на градското дерби со Интер одговоривме со серија победи, верувам дека можеме да го повториме истото уште еднаш“, изјави Пиоли.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

