Харден се заканува: Трансфер или пензија

Џејмс Харден ја продолжува војната со раководството на Филаделфија, откако повеќекратниот олстар-играч отворено се заканил на управата на клубот дека е подготвен предвреме да ја заврши кариерата доколку биде одбиено неговото барање за трансфер.

Тој уште пред извесно време стави до знаење дека нема намера да продолжи да ги брани боите на Филаделфија, но стручниот штаб и челниците на клубот се надеваа дека ќе успеат да го премислат. Тоа не се случи, Харден воопшто не тренира со екипата изминатиот период и дефинитивно ќе го пропушти дуелот со Милвоки на отворањето од новата НБА-сезона.

Американските медиуми тврдат дека тој голем дел од времето минува во Хјустон каде има куќа од времето кога настапуваше за оваа екипа и воопшто не размислува за враќање во Филаделфија, без разлика какви ќе бидат санкциите од сегашниот клуб. Од друга страна, проблем за „брадата“ е што ниту еден од клубовите со сериозни амбиции не покажува интерес да го доведе во своите редови.

„На 34 години, Харден е сериозен во намерата да се пензионира ако не успее да се пресели во друг клуб. Тоа е сериозна опција, особено ако се знае дека тој веќе неколку години повеќе создава проблеми, отколку што е додадена вредност на тимовите за кои настапуваше. Тој нема иднина во Филаделфија, но како што стојат работите, може да се случи и да нема никаква иднина во НБА, па предвреме да се пензионира“, најавуваат американските медиуми.

Се вчитува...