КУП НА МАКЕДОНИЈА: Вардар на „менито“ на освојувачот, Работнички е пречка за Шкендија, езерско дерби во 1/8 финале

Освојувачот Македонија ЃП ќе има „трнлив“ пат кон 1/4 финалето во Купот. Бранителот на трофејот од минатата сезона оди на гости кај Вардар на стадионот „Борис Трајковски“. Нема да им биде лесно на „лавовите“ со оглед дека го загубија натпреварот од првенството против „црвено-црните“, а овој меч за нив доаѓа после тренерската смена, откако на клупата седна Тони Џангаровски, кој дојде на местото на Горан Симов.

„А, како може да го потцениме најтрофејниот македонски клуб. Но, ние треба да покажеме дека сме мајстори во Купот“, рече Ѓорѓи Стоилов, играчот на Македонија ЃП.

Вардарци, пак, најавуваат дека приоритет оваа сезона ќе биде опстанокот во првенството, па така можно е на Купот и да не му дадат многу значење. „Црвено-црните“ ќе настапат без капитенот Дарко Мицевски, кој на мечот со Работнички доби повреда на коленото, најверојатно станува збор за скинати лигаменти.

Дербито ќе се игра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. Работнички го чека меч против Шкендија, еден од фаворитите и за титулата и за Купот. Во таборот на „романтичарите“ имаше мали турбуленции по поразот од Вардар, кога и покрај тоа што се закануваше, сепак, до тренерска смена не дојде, па така денеска Илиевски ќе го предводи тимот на „романтичарите“. И двете екипи најавуваат битка за победа и пласман во 1/4 финалето.

Ждрепката сакаше во 1/8 финалето да има езерско прволигашко дерби меѓу Воска Спорт и Струга ТЛ. Стружани лани дојдоа до финалето, каде загубија по пенали од Македонија ЃП, а сега ќе имаат обид да стигнат и до пехарот. Воедно, Струга ТЛ игра во добра форма во последно време, а тоа го покажа со победата над Македонија ЃП на гости со 0-3.

Интересно ќе биде и во Битола каде што Пелистер го очекува тежок меч со Тиквеш. Тежок предизвик и за АП Брера, кој ќе бара одмазда против Гостивар за поразот во првенството пред неколку кола. Брегалница има лесна задача на хартија, и игра со нисколигашот Јанг Тим од Струга. Шкупи го чека меч со Охрид во скопски Петровец, додека Силекс на свој терен го пречекува третолигашот Башкими.

КУП НА МАКЕДОНИЈА, 1/8 ФИНАЛЕ (ДЕНЕСКА 14:00 ЧАСОТ)

Струмица: АП БРЕРА – ГОСТИВАР

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ЈАНГ ТИМ

Битола: ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ

Скопје, ФФМ: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА

Скопје, с. Петровец: ШКУПИ – ОХРИД

Кратово: СИЛЕКС – БАШКИМИ

Скопје, Маџари: ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП

Охрид: ВОСКА СПОРТ – СТРУГА ТЛ

Се вчитува...