Темелковски ќе го води Пролет во Прилеп, Лембанов си поднесе оставка

Поранешниот македонски селектор Илија Темелковски ќе го предводи Пролет на петочното гостување против Прилеп, откако тренерот Алексо Лембанов си поднел оставка по шокантниот пораз од „фенерџијата“ Вардар Неготино.

Скопскиот суперлигаш преку клупско соопштение објави дека се уште нема донесено конечна одлука дали оставката на Лембанов да биде прифатена, но сепак е решено тимот во Прилеп да го води Темелковски, кој е дел од клубот како предводник на младинската екипа на Пролет, а сега повторно и со ангажман со првиот тим.

„Ракометниот клуб Тинекс Пролет сака да ја информира јавноста дека нашата клупска легенда, Илија Темелковски, ќе ја води екипата на претстојното гостување во Прилеп закажано за петок.

Тренерот Алексо Лембанов си поднесе оставка од функцијата по шокантниот пораз од Вардар Неготино, но управата се уште нема донесено одлука дали истата да биде прифатена. За да не бидат донесени брзоплети решенија, одлучивме за истата да се дискутира за време на паузата поради ЕХФ-неделата, a во меѓувреме тимот во Прилеп ќе го предводи Темелковски.

Поранешниот македонски селектор е една од најголемите клупски легенди на Тинекс Пролет и немаме сомнеж дека ќе успее да го извлече максимумот од играчкиот кадар што го има на располагање и ќе дојде до позитивен резултат, со кој би си го зацврстиле местото кое води во плејофот“, се вели во соопштението на РК Пролет.

Се вчитува...