Големо е задоволството во таборот на РК Алкалоид по одличното издание на македонскиот вицепрвак на гостувањето во Шпанија и ремито против Ла Риоха, прв европски бод во клупската историја на скопските „сино-бели“. Алкалоид прикажа одлична игра, само поради неколкуте промашени зицери не стигна и до цел плен, но она што дефинитивно радува е напредокот од меч во меч на избраниците на Кире Лазаров.
Францускиот интернационалец Арно Бинго, кој беше најдобар стрелец со седум погодоци, верува дека Алкалоид ќе прикажува уште подобри игри како што ќе изминува времето, бидејќи искуството што го добиваат младите македонски играчи преку овие европски натпревари е драгоцено.
„Не е лесно за младите играчи во нашиот тим да играат против екипи кои имаат многу побогато искуство и многу учества во Европа. Затоа, мислам дека ова е добар резултат за клубот. Но, од друга страна, знам и дека можеме многу повеќе“, изјави Бинго.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА