Евертон ќе добие казна од „минус 12 бода“

На екипата на Евертон и се заканува огромна казна од одземање на 12 бодови доколку клубот биде прогласен за виновен за прекршување на правилата на финансискиот ферплеј.

Истрагата трае повеќе од една година, а се однесува на прикажување на лажни бројки за финансиското работење. Дел од тимовите кои лани испаднаа од Премиер-лигата најавија тужби бидејќи случајот не беше порано затворен, па челниците на лигата се решени сега што поскоро да стават крај на сите шпекулации.

Неофицијално, Евертон во рок од три години има загуба од над 370 милиони фунти, додека дозволената граница од Премиер-лигата изнесува 105 милиони фунти.

Челниците на Премиер-лигата дале препорака ако биде прогласен за виновен, клубот од Ливерпул да биде санкциониран со одземање на 12 бодови, но мора да се истакне дека конечната одлука ја носи независна комисија, па санкцијата може да биде и поблага од барањето на лигата.

Доколку најавите сепак се реализираат, тоа би значело речиси сигурно испаѓање на Евертон од Премиер-лигата, ако се знае дека клубот по првите девет кола има само седум освоени бода, по што борбата за опстанок би се претворила во „невозможна мисија“.

Се вчитува...