Џонов: Ремито со Ла Риоха е добро, но Алкалоид нема да застане на ова…

Ракометарите на Алкалоид пристигнаа назад во Скопје, задоволни по освоениот бод на гостувањето во Шпанија против Ла Риоха. Во таборот на македонскиот вицепрвак сепак владее и мало разочарување, избраниците на Лазаров се свесни дека беа подобар противник во голем дел од мечот и ако имаа само малку повеќе среќа и концентрација во клучните моменти, можеа да стигнат и до цел плен.

Иван Џонов повторно се покажа како значаен играч во ротацијата на Лазаров, екс-ракометарот на Пролет со шест гола беше втор најдобар стрелец на Алкалоид на ова тешко гостување.

„Нерешениот резултат е добар, но имавме добра шанса да ги освоиме двата бода. Ни падна концентрацијата. Имавме во еден период неколку нереализирани напади во серија. И тие грешеа и промашуваа, но ако ги искористевме нашите шанси, ќе можевме до победа. Задоволни сме со нерешениот резултат, но нема да застанеме на ова. На секој следен натпревар ќе одиме со амбиција да победиме“, оптимситички е расположен Иван Џонов.

Се вчитува...