Поцеко стана тренер на Асвел, но ќе добие отказ од Италија

Џанмарко Поцеко и официјално е нов тренер на Асвел откако италијанскиот стратег ги договори условите за соработка со францускиот клуб, со важност до јуни 2025 година.

Поцеко беше „план Б“ за Асвел откако пропадна можноста за ангажман на Херберт, кој не доби зелено светло од Германската Кошаркарска Федерација паралелно да ги извршува двете функции. Она што е интересно, Поцеко воопшто не побарал дозвола од Италијанската федерација за такво нешто, па потписот со Асвел сега ќе му донесе неочекуван проблем на темпераментниот стручњак.

Имено, челниците на федерацијата се разочарани од односот на селекторот, од кого очекувале најмалку повик за да ги извести дека размислува за клупски ангажман. Тие беа разочарани од Поцеко поради неговиот однос за време на последниот Мундобаскет, а се чини дека селекторот сега и дефинитивно ја прели чашата, па се очекува во наредните денови да добие отказ од кормилото на „аѕурите“.

Главен фаворит за нов селектор на Италија е српскиот стратег Александар Ѓорѓевиќ, кој е актуелен селектор на Кина, но дефинитивно без размислување би се вратил назад во Европа доколку добие интересна понуда.

Се вчитува...