Кевин де Бруине се уште се опоравува од незгодната повреда и нема дебитирано за Манчестер Сити оваа сезона, вчера се појави информација дека „граѓаните“ немаат намера воопшто да му понудат нов договор, а тоа многу лесно може да значи богата понуда за Де Бруине од Саудиска Арабија. И тоа во тимот на Ал Наср, кој во своите редови го има Кристијано Роналдо, кој пак лично ќе се вклучи во преговорите за да го убеди Де Бруине да му се приклучи во Саудиска Арабија.
Португалецот игра во одлична форма сезонава, но Роналдо е свесен дека бројот на постигнати голови дополнително би скокнал кога крај себе би имал асистент како Де Бруине, еден од најдобрите во светот на фудбалот кога станува збор за внесување во шанса на соиграчите. Токму затоа, Кристијано ја потегнал првата иницијатива на оваа тема, а челниците на Ал Наср веднаш загризале, најавувајќи дека нема да жалат пари за да го доведат белгискиот интернационалец во своите редови.
Де Бруине во моментов е фокусиран на рехабилитацијата, трансфер во јануари не доаѓа во предвид, но ситуацијата би можела да се промени за летниот преоден рок. Имено, тогаш тој ќе влезе во последната година од договорот, што ќе биде и последна шанса за Сити да заработи на продажбата на Де Бруине. Тој следното лето ќе има наполнето 33 години, па јасно е дека ќе влезе во период од кариерата кога би можел да го наплати реномето што го создаваше во изминатите десетина години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

