Лука Дончиќ во голем стил ја стартуваше новата сезона во НБА-лигата, предводејќи го Далас до триумф на гостувањето против Сан Антонио од 119-126. Овој натпревар беше во центарот на вниманието на јавноста бидејќи беше НБА-деби на првиот пик на драфтот, Французинот Вембанјама, но одличниот центар остана во сенка на извонредниот Словенец, кој со трипл-дабл покажа дека е одлично подготвен за новата сезона.
Сан Антонио одигра извонредна прва четвртина во која домаќините постигнаа 43 поени (43-36), но Далас успеа да ја консолидира одбраната, благодарение на Дончиќ гостите немаа проблеми со нападот до самиот крај, славејќи со 119-126 на првиот овосезонски дуел. Дончиќ оствари трипл-дабл од 33 поени, 14 скокови и 10 асистенции, додека Вембанјама на спротивната страна постигна 15 поени на своето деби во најсилната лига на светот.
Бостон триумфираше на гостувањето против Њујорк со 104-108, во дерби-дуелот на западната конференција. Тејтум постигна 34, а Порзингис 30 поени за селтикси, кои заслужено стигнаа до цел плен на овој натпревар, додека најефикасен кај Њујорк беше Берет со 24 поени.
Резултати НБА:
Шарлот – Атланта 116-110, Индијана – Вашингтон 143-120, Њујорк – Бостон 104-108, Орландо – Хјустон 116-86, Бруклин – Кливленд 113-114, Мајами – Детроит 103-102, Торонто – Минесота 97-94, Чикаго – Оклахома 104-124, Мемфис – Њу Орлеанс 104-111, Јута – Сакраменто 114-130, Сан Антонио – Далас 119-126, ЛА Клиперс – Портланд 123-111.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА