Душко Ивановиќ неочекувано доби отказ од Црвена Звезда, но трофејниот стручњак нема долго да биде без работа откако експресно го договори својот нареден ангажман, и тоа повторно во евролигашки клуб.
Шпанскиот прволигаш Басконија ќе биде новиот клуб на Ивановиќ, за кого ова ќе биде „враќање на местото на успехот“, ако се знае дека тој најдобрите резултати ги постигна токму како предводник на оваа екипа. Ивановиќ ја водеше Басконија од 2000 до 2005 година, потоа беше на клупата на овој тим од 2008 до 2012, за последен пат да работи во клубот од 2019 до 2021 година. Тој има вкупно три титули првак на Шпанија, три трофеи во Копа дел реј, а два пати беше и вицешампион на Европа, па јасно е зошто челниците на Басконија работеа на негов камбек веднаш по отказот што Ивановиќ го доби во Црвена Звезда.
Раководството на клубот не е задоволно од работата на Џоан Пењароја, кој ќе добие отказ од функција и ќе му го препушти своето место на Ивановиќ.
Она што треба да се напомене е дека новиот тренер со себе ќе донесе и поранешна играчка легенда на Басконија, екс-репрезентативецот на БиХ, Мирза Телетовиќ, кој веќе ги прифатил условите да биде дел од стручниот штаб на Ивановиќ во шпанскиот клуб. Телетовиќ како играч настапуваше за Басконија од 2006 до 2012 година, стигнувајќи до две титули во АЦБ-лигата и две учества на фајналфор турнирот од Евролигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА