Какво лудо „Ел Класико“: Реал го зема скалпот на Барса

Реал Мадрид по голема борба славеше на евролигашкото „Ел Класико“, совладувајќи ја Барселона со минимални 65-64 во меч со неверојатни пресврти. Барса во 15. минута имаше водство од 14 поени (16-30), но каталонците потоа осум минути не постигнаа ниту еден поен, а Реал успеа да го преземе водството. „Кралевите“ делуваа во целосна контрола, имаа 14 поени предност на нецели седум минути до крајот, но потоа не погодија шут од поле буквално до самиот крај. Барса успеа да се приближи, но трагичар беше Саторански, кој промаши три од петте слободни фрлања што ги изведе во последните 30 секунди. Кампацо и Хезоња беа прецизни од линијата на спротивната страна, Реал се одлепи на сигурни „плус четири“ пред Абринес да погоди со звукот на сирената, за конечни 64-64 за Реал Мадрид.

Дек беше одличен со 20 поени и седум скокови, а интересно е што Кампацо не погоди ниту еден шут од поле (0/6), завршувајќи го мечот со шест поени и седум асистенции. Кај Барселона најефикасни беа центрите, Хернангомез со 13 и Весели со 12 поени. Со ваквиот исход, Реал остана перфектен во Евролигата, додека за каталонскиот гигант ова беше прв сезонски пораз во елитното европско натпреварување.

Олимпијакос многу полесно од очекувањата го скрши отпорот на Ефес, декласирајќи го двократниот европски првак со убедливи 75-57. „Црвено-белите“ го контролираа резултатот од самиот почеток, во третиот период конечно се одлепија резултатски, не дозволувајќи компликации на домашен терен како што тоа беше случај на претходниот меч со Партизан. Папаниколау и Вилијамс Гос беа најефикасни во победничкиот тим со по 14 поени, додека кај Ефес единствен со двоцифрен број на поени беше Брајант со 10.

Уште поубедливо славеа кошаркарите на Монако, кои го демолираа Макаби со убедливи 107-79. „Кнезовите“ одиграа беспрекорен офанзивен меч, Макаби во ниту еден момент немаше шанса да ги запре налетите на избраниците на Саша Обрадовиќ, кои мечот го завршија со 107 постигнати поени, најмногу оваа сезона. Мајк Џејмс беше предводник на Монако со 24 поени, 18 постигна Диало, а до 17 броеше Окобо, кој имаше и шест асистенции.

Се вчитува...