Димитриевски: Време е резултатите да дојдат, Брегалница може и до Топ 4 оваа сезона

Брегалница викендов во 12. коло од Првата македонска фудбалска лига ја очекува тешко гостување против Силекс во Кратово.

Но, во таборот на штипјани, веруваат дека може да се изненади противникот во дербито на Истокот.

„Очекувам да се вратиме со позитивен резултат. Силекс како екипа, ја респектираме, но не одиме во Кратово со бело знаме, одиме со една цел, тоа се три бода“ – вели младинскиот репрезентативец Михаил Димитриевски за официјалната интернет страница на клубот и дополнува:

„Имаме позитивна серија со Силекс во последниве четри натпревари, се надевам дека истата ќе ја продолжиме и во сабота. Тоа ќе биде добро и за подигнување на самодовербата на секој поединец во нашата екипа. Затоа секој играч што ќе стартува и што ќе влезе од клупата треба да го даде својот максимум и верувам дека ќе се вратиме со победа“.

Според Димитриевски време е и резултатите на тимот да дојдат, затоа што екипата пружа квалитетни игри на стартот од сезоната.

„Ако продолжиме како со досегашната добра игра, мислам дека е конечно вистинско време добрите резултати да дојдат. Со оглед на тоа дека на табелата, разликата со останатите екипи не е многу голема, би можеле да дојдеме и до Топ 4 до крајот на оваа календарска година“ – вели Михаил Димитриевски.

Се вчитува...