Ракометарите на Пролет славеа на гостувањето против Прилеп со 19-22, за освојување на три важни бода и уште еден голем чекор кон место во плејофот од ракометниот шампионат. Шок-терапијата со заминувањето на тренерот Лембанов се покажа успешна, Пролет под водство на искусниот Темелковски одигра квалитетна одбрана, а во нападот одговорност презедоа најискусните, предводејќи го тимот до заслужена победа.
Прилеп подобро го отвори натпреварот, па по почетните 0-1 со голот на Андоновски домаќините презедоа контрола, поведоа со 4-2, а нешто подоцна и со најубедливи три гола предност (7-4), Пролет успеа да се врати и набрзина израмни на 8-8, а потоа и го сврте резултатот во своја полза. Најдобри поединци во скопскиот клуб во првото полувреме беа искусните Пецаковски и Андоновски, кои постигнаа по пет погодоци, а Пролет замина на одмор со водство од 11-13.
Гостите имаа играч повеќе на стартот од второто полувреме, но се соочија со огромни проблеми во нападот, Прилеп се врати, а ракометарите на Пролет во првите 14 минути од второто полувреме имаа само два постигнати гола (15-15). Резервниот голман Петковски одбрани важен пенал при нерешен резултат, во серија влезе и првиот чувар на мрежата, Михаљевиќ, па Пролет со серија лесни погодоци успеа да се одлепи резултатски, на крајот и заслужено да слави со .
Пецаковски беше најефикасен во победничкиот тим со седум гола, пет постигна капитенот Андоновски, а четири Николовски. Кај Прилеп најефикасен на натпреварот беше Владан Кастратовиќ со осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА