Нема шега со Тотенхем: Осми гол на Сон, осми триумф на „спарси“ во Премиер-лигата

Тотенхем уште еднаш потврди дека е хит на сезоната во Премиер-лигата откако „спарси“ во десеттиот меч стигнаа до осмиот триумф, за зацврстување на првото место на табелта. Во лондонската пресметка тие вечерва му гостуваа на тимот на Кристал Палас, славејќи со 1-2 со два погодоци во второто полувреме.

Првиот дел мина во тактичко надмудрување на двете страни, при што Палас ги имаше најубавите шанси, но Викарио беше расположен на голот на Тотенхем и не дозволи мрежата да биде затресена.

Очекувано, Тотенхем заигра далеку подобро во вториот дел, а наградата стигна откако Медисон се обиде да нафрли во шеснаесетникот, а Ворд со неспретна интервенција ја смести топката во сопствената мрежа. „Спарси“ добија на самодоверба, па брзо потоа постигнаа и втор гол, овојпат преку Сон, кој немаше тешка задача по одличната асистенција на Бренан Џонсон. За Сон ова беше осми овосезонски погодок, уште еден доказ дека корејскиот ас се снаоѓа одлично како централен напаѓач по заминувањето на Хари Кејн.

Кристал Палас во судиското продолжение успеа да намали на 1-2 преку Ају, ВАР долго прегледуваше дали фудбалерот на Палас играл со рака при контролата на топката, но на крајот го призна погодокот на домаќините.

„Спарси“ остануваат на првото место, сега со 26 бода, пред Арсенал и Манчестер Сити со по 21, Ливерпул со 20, Астон Вила со 19 (сите овие екипи имаат и меч помалку во однос на Тотенхем.

Се вчитува...