Интер подготви 30.000 свирчиња „во чест“ на Лукаку, полицијата ги забрани

Навивачите на Интер подготвуваа пеколен план за дочек на Ромелу Лукаку, нарачувајќи 30.000 свирчиња кои требаше да бидат внесени на трибините за да биде „поздравен“ секој допир на топката на белгискиот голгетер на неделното дерби меѓу Интер и Рома. Лукаку е „непријател број 1“ откако во последен момент се премисли и реши да не остане во Интер по позајмицата од Челси, тој на крајот од преодниот рок заврши во Рома, но „нероаѕурите“ немаат намера да му го простат неверството.

Планот беше со 30.000 свирчиња на стадионот да биде создадена пеколна атмосфера за гостинскиот голгетер, но откако за тоа било дискутирано на техничкиот состанок меѓу претставниците на клубовите и полицијата, властите решиле да го забранат внесувањето на свирчињата на стадионот.

„Свирчињата се забранети. А 10.000 беа сосема во ред пред две години во Фиренца. Законот очигледно не важи исто за сите“, објавија навивачите на Интер.

Споредбата се однесува на десетте илјади свирчиња што навивачите на Фиорентина ги внесоа во стадионот за да го „поздрават“ Душан Влаховиќ по трансферот во Јувентус.

Се вчитува...