Нов „ѕверски“ меч на Лука Дончиќ – 49 поени во триумфот над Бруклин

Лука Дончиќ игра во неверојатна форма од самиот почеток на новата НБА-сезона, јасно ставајќи до знаење дека не сака да се повтори ланскиот шампионат во кој Далас не успеа да избори место во плејофот. Словенецот одигра меч за паметење против Бруклин, предводејќи го својот тим до победа од 125-120 со неверојатни 49 поени, шутирајќи 9/13 за тројка. Покрај тоа, Дончиќ имаше и десет скока и седум асистенции, завршувајќи го натпреварот без ниту една загубена топка.

Голден Стејт славеше во дербито на Западната конференција над Сакраменто со 114-122. Стеф Кари беше максимално инспириран постигнувајќи 41 поен за победничкиот тим, два повеќе од Фокс кај Сакраменто. Добар меч одигра и Домантас Сабонис, чиј дабл-дабл од 19 поени и 18 скокови сепак беше недоволен за „кралевите“ да го земат скалпот на поранешниот шампион.

Актуелниот првак Денвер исто така ја забележа втората победа во низа, триумфирајќи на гостински терен во Мемфис со 104-108. Никола Јокиќ реализираше 22 поени, 12 скокови и 7 асистенции, меѓу нив и петте поени во завршницата со кои Денвер се одлепи и стигна до победата.

Резултати НБА:

Шарлот – Детроит 99-111, Мемфис – Денвер 104-108, Атланта – Њујорк 120-126, Бостон – Мајами 119-111, Кливленд – Оклахома 105-108, Чикаго – Торонто 104-103 (по прод.), Сан Антонио – Хјустон 126-122 (по прод.), Далас – Бруклин 125-120, Јута – ЛА Клиперс 120-118, Портланд – Орландо 97-102, Сакраменто – Голден Стејт 114-122.

Се вчитува...