Алкалоид уште еднаш ја потврди својата надмоќ во групата А од ракометната Супер-лига, лесно совладувајќи го тимот на Охрид со убедливи 30-24. Охриѓани по ждрепката се надеваа дека би можеле да му ги замрсат сметките на вицешампионот во трката за што подобар пласман во групата, но избраниците на Кире Лазаров денеска уште еднаш потврдија дека се супериорни во овој дел од натпреварувањето.
Ракометарите на тренерот Алушовски умешно парираа само петнаесетина минути, имаа водство од 6-7 на кое Алкалоид одговори со серија од четири гола, по што домаќините ја презедоа контролата над резултатот. На одмор се замина со водство на „сино-белите“ од Автокоманда од 15-12, по што „пулените“ на Лазаров рутински го контролираа темпото во вториот дел, не дозволија противникот посериозно да се одлепи, туку пред крајот ја кренаа предноста на конечните „плус шест“ (30-24).
Серафимов и Бинго беа најефикасни во победничкиот табор со по шест погодоци, пет гола постигна Марко Митев, додека најдобри стрелци кај Охрид беа Бојаниќ и Ојронишвили со по шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА