Вулверхемптон уште еднаш се покажа како незгоден ривал за фаворитите во Премиер-лигата, па откако пред триесетина дена го совлада Манчестер Сити, овој тим вечерва успеа да остане непоразен и против Њукасл, ремизирајќи 2-2.
Фудбалерите на Њукасл имаат за што да жалат, бидејќи два пати стигнуваа до предност, но не успеваа да ја задржат и да ги освојат трите бода на „Молинју“. Калум Вилсон го доведе Њукасл во водство по една лоша интервенција на домашниот голман Са, но „волците“ израмнија преку Лемина. Вилсон погоди повторно, овојпат од пенал што почетнички го направи Хван, но токму корејскиот репрезентативец од трагичар се претвори во херој, откако постигна гол за 2-2.
Избраниците на Еди Хау тргнаа во целосна офанзива во завршницата, но и покрај неколкуте шанси не успеаја да постигнат и трет погодок, па на крајот мораа да се задоволат со само еден бод.
Вулверхемптон стигна до одличен резултат, но „волците“ останаа без својот најдобар фудбалер Нето, кој се повреди во второто полувреме, на носилки беше изнесен од теренот и дефинитивно ќе мора подолг период да отсуствува од терените.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

