Шкупи го запоседна врвот од табелата во Првата македонска фудбалска лига откако во 12. коло убедливо славеше со 3-0 против Работнички, а притоа искористувајќи ги киксевите на досега водечките Шкендија и Струга ТЛ. Шкендија ремизираше (1-1) со Воска спорт, а Струга ТЛ загуби на гостувањето во Гостивар со 2-1.
Голема победа запиша Вардар од 1-0 против АП Брера со која сега веќе се доближи до останатите екипи на дното од табелата.
Шкупи, пак, сега се израмни бодовно со Шкендија, но со подобра гол-разлика на врвот.
Чаирчани до предност дојдоа уште во првото полувремето со голот на Куевен во 41. минута.
Во второто полувреме, Исах Кука во 52. минута убаво зголеми на 2-0, а потоа токму на асистенција на Кука во 74. минута Куевен постигна и втор гол за конечни 3-0.
Вардар дојде до нова голема победа со идентични 1-0, овој пат против АП Брера повторно пред своите навивачи на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
Црвено-црните до триумфот дојдоа со голот по големата грешка на дефанзивецот на АП Брера, Агрон Руфати која мајсторски ја искористи младиот Азер Омерагиќ уште во 7. минута за водство од 1-0.
Изби сам Омерагиќ пред голот на гостите, по пропустот на 20 метри на Руфати, па со мајсторски шут ја погоди мрежата на струмичани за повеќе од значајни три бода за својот тим.
Шкендија ремизираше (1-1) со Воска Спорт во Тетово. Тетовци беа шокирани од Воска Спорт веднаш на стартот од второто полувреме. Охриѓани поведоа во 47. минута со 0-1 на гостувањето во Тетово, со голот на Бајрами кој одлично реагираше по корнерот од левата страна.
Но, Шкендија успеа да израмни на 1-1 благодарение на феноменалениот гол на Аденис Шаља во 74. минута од средбата. Шаља со шут од 20 метри откосо постигна гол каков ретко може да се види, вистински евро-гол за одбележување…
Гостивар, пак, го шокираше шампионот Струга ТЛ победувајќи со 2-1. Домашните до водство дојдоа со мајсторскиот погодок на Кехинде во 36. минута кој одлично се снајде во гостинскиот шеснаесетник.
Веќе во 44. минута извонредно соло мајсторија и на Алпер Потук кој стрела за 2-0…
Во второто полувреме, стружани успеаја единствено со почесен погодок на Компаоре во 59.минута да го ублажат поразот.
Македонија ЃП ремизираше (1-1) со Тиквеш во Ѓорче Петров. „Лавовите“ поведоа со голот на Јован Попзлатанов во 33. минута од натпреварот, а Тиквеш дојде до израмнување за конечни 1-1 со голот на Ивановски во 90. минута.
ПМФЛ – 12. КОЛО
Скопје: ВАРДАР – АП БРЕРА 1-0
Омерагиќ 7′
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 3-0
Куевен 41′, 74′, Исах Кука 52′
Гостивар: ГОСТИВАР – СТРУГА ТЛ 2-1
Кехинде 36′, Потук 44′ – Компаоре 59′
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ТИКВЕШ 1-1
Попзлатанов 33′ – Ивановски 90′
Тетово: ШКЕНДИЈА – ВОСКА СПОРТ 1-1
Шаља 74′ – Бајрами 47′
ВЧЕРА
Кратово: СИЛЕКС – БРЕГАЛНИЦА 0-0
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

