Галатасарај инвестираше многу пари во нови фудбалери минатото лето, но најголемо промашување се чини е Тангуј Ндомбеле, фудбалерот за врска кој ги фрустрира сите во клубот со својот непрофесионален стил на живот.
Ндомбеле бил шест килограми потежок од дозволеното на стартот на сезоната, за што бил предупреден од страна на тренерот Бурук и претставниците на управата. Тој не само што нема ослабнато ниту килограм во меѓувреме, туку дополнително го налутил Бурук откако во хотелот каде што била сместена екипата по мечот со Баерн во ЛШ си нарачал хамбургер, по што следела голема караница со тренерот пред очите на остатокот од тимот.
„Бурук со право беше бесен. Ндомбеле цело време јаде само хамбургери, не сака да се стави на диета и јасно е зошто сезонава има одиграно само седум минути за Галата. Тој е лошо влијание за сите во клубот, затоа и е отстранет од првата екипа, а сега се бара начин да му се раскине договорот“, вели извор од стручниот штаб на Галатасарај.
Тој пристигна во турскиот гигант на позајмица од редовите на Тотенхем, па челниците на Галата сега ќе се обидат веќе во јануари да го вратат Ндомбеле назад во лондонскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

