Таткото на Луис Дијаз ќе биде ослободен: Го киднапирале терористи, постигнат е договор со Владата на Колумбија

Таткото на фудбалерот на Ливерпул, Луис Дијаз, кој беше киднапиран пред пет дена во градот Баранкас, би требало да биде ослободен во следните неколку часа по комуникацијата што колумбиската Влада ја имала со киднаперите.

Воени и полициски сили со денови трагаа по Луис Мануел Дијаз, кој беше киднапиран заедно со неговата сопруга, која неколку часа подоцна беше пронајдена од полицијата. Властите долго време не обелоденуваа никакви информации околу потрагата, за вечерва да се јават со официјално соопштение – дека таткото на фудбалерот бил киднапиран од стран на Националната Ослободителна Армија.

Станува збор за движење кое од државните власти е окарактеризирано како терористичко, во него членуваат над 2.500 лица и најчесто оперира токму на делот блиску до границата со Венецуела, каде што беше извршено киднапирањето.

Членовите на Националната Ослободителна Армија во последните 24 часа воделе интензивни разговори со претставници на Владата, па откако добиле гаранции за сигурноста на лицата кои го извршиле киднапирањето била дадена согласност таткото на Луис Дијаз да биде пуштен на слобода.

Останува да се види дали ветувањата ќе бидат исполнети и Луис Мануел Дијаз ќе биде ослободен, за хепиенд на оваа трауматична седмица за семејството на Колумбиецот.

Се вчитува...