Работнички и Силекс во најинтересниот натпревар од денешната програма од 13. коло во Првата македонска фудбалска лига.
„Романтичарите“, откако останаа без досегашниот тренер Милан Илиевски, посакуваат триумф за залечување на раните, но против себе го имаат и тоа како незгодниот Силекс.
Крилниот напаѓач на Работнички, Атдхе Мазари вели дека фудбалерите се максимално мотивирани да го покажат својот квалитет, по слабото издание и поразот од Шкупи во минатото коло.
„Работнички поседува многу поголем квалитет од игрите и резултатите што ги остварува тимот во досегашниот тек од првенството. Ние фудбалерите сме свесни за тоа и треба да го покажеме на теренот. Максимално сме мотивирани за утрешниот меч со Силекс, ги посакуваме трите бода и се ќе дадеме сѐ од себе да ги освоиме. Противникот е одлична екипа, но верувам дека ќе успееме да ги надиграме и да стигнеме до триумф“, вели Атдхе Мазари.
А, по бодови чезнее и АП Брера која е во тешка резултатска криза. Струмичани веќе осум меча не знаат за победа, денеска гостувајќи на Воска Спорт во Охрид по обид за три бода.
„Тимот е подготвен за мечот против Воска. Утре може да биде убава можност да се игра добро и да се постигне победа“ – вели тренерот на АП Брера, Италијанецот Валенти.
Брегалница, пак, во Штип ја пречекува Македонија ЃП. И за штипјани е време за триумф во желбата да се приклучат во битката за водечките позиции.
ПМФЛ – 13. КОЛО (денеска, 13 ч.)
Штип: БРЕГАЛНИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП
Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС
Кавадарци: ТИКВЕШ – ГОСТИВАР
Охрид: ВОСКА СПОРТ – АП БРЕРА
УТРЕ (13 ч.)
Скопје: ШКУПИ – ВАРДАР
Струга: СТРУГА ТЛ – ШКЕНДИЈА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

