Фудбалерот на Јанг Бојс Али Камара, кој воедно е и капитен на тимот, крајно непрофесионално се однесуваше за време на натпреварот со Манчестер Сити во Лигата на шампионите.
Неговиот тим на полувремето губеше со 2-0, но за Камара како да не беше тоа важно, туку само како да земе дрес од првата ѕвезда на европскиот првак, Ерлинг Халанд. Откако заврши полувремето, Камара трчаше до Халанд, па потоа му се „залепи“ молејќи го за дресот, по што го доби од Норвежанецот.
Тоа беше многу чудно и за швајцарските медиуми и за самиот Гвардиола.
„Али Камара имаше успешна вечер, доби дрес од Халанд, во тој момент не му беше грижа чиј дрес носи“, пишуваат швајцарските медиуми.
„Беше многу упорен пред камерите, можеше барем да сочека да влезе во тунелот“, пишуваат Швајцарците.
Неговата постапка ја коментираше и менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола.
„Секако дека тоа не е нормално, но тоа не е прашање за мене“, рече Гвардиола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА