МЗТ Скопје триумфално против Феникс 2010

МЗТ Скопје ја продолжи победничката серија во Првата кошаркарска лига на четврти натпревар во низа откако славеше над Феникс 2010 со 73-64 на отварањето на 7. коло. Скопските тимови одиграа натпревар во кој не можеа да се пофалат со реализацијата, а истиот беше одлучен во последните десет минути каде пресуди искуство на актуелниот шампион.

Двата тима се мачеа да го најдат ритамот во нападот на отварањето на натпреварот. МЗТ Скопје прв ја превзема иницијативата преку добрата игра на капитенот Дамјан Стојановски за предност од 17-11, но искусниот Трајковски одговори на спротивната страна и не дозволи повисока негатива на својот тим за 19-17 по 10. минути игра. Грешките на двете страни од теренот продолжија и до крајот на полувремето со тоа што овој пат далеку подобрата одбрана на Феникс 2010 не дозволи лесни поени на противникот, го затвори рекетот, а преку расположените Рис и Митревски во нападот успеа и да поведе со 30-35 пред „големиот одмор“.

Четири и пол минутиот пост во нападот на Феникс 2010 го искористи МЗТ Скопје за превземање на предноста, а и покрај тоа што Митревски и Димитриев го скршија ледот, гостите не успеаја да продолжат во ритамот од првото полувреме. Проблем беше и четвртата грешка на Трајковски, но и капитенот Стојановски на спротивната страна кој влезе во своја серија и донесе натпревар на повеќе од еден посед, предност која домаќините ја задржаа во влезот на последната четвртина (54-50). Феникс имаше шанса да стигне до изедначување по неспортската лична грешка на Андоновски, но наместо тоа влезе во серија на изгубени топки во нападот кои искусниот домашен тим знаеше да ги искористи за прва двоцифрена предност (63-52), предност која беше доволна за нови два бода.

Со 20 поени и 7 скокови лидер на МЗТ Скопје беше Војдан Стојановски, а него го следеше Дамјан Стојановски со 14 поени и 7 скокови. Со по 19 поени најрасположени во редовите на Фенкс 2010 беа Андреј Митрвски и Џо Рис на кои Македонецот додаде и 5 скокови, а Американецот 10.

Се вчитува...