Mакедонски резултати за Гинис 6: Во Белград 1946 година кошаркарите на Партизан ја победија Македонија со 77:1

Миодраг Мицковиќ

Во изминатите  недели во најчитаниот спортски портал „Екипа“ објавивме серија написи за неверојатни ракометни резултати постинати во Македонија, кои сигурно ќе се најдат во нашата книга на Гинисовите рекорди доколку некој се нафати да ја подготви, со оглед дека тоа е сериозна работа бидејќи не само во ракометот, туку и во другите спортови во нашата држава има интересни несекојдневни резултати.

Денешниот текст ќе го посветиме на кошарката и на еден навистина за неверување постигнат резултат во далечната 1946 година кога на Сојузниот натпревар во поранешна Југославија во Белград, Партизан ја декласираше екипата Македонија од Скопје дури со 77:1. Резултатот, кој повеќе пати го проверивме е точен, за 40 минути кошаркарите на Македонија постигнале само еден или половина кош и тоа од слободно фрлање. На тој прв турнир во Белград покрај Партизан и Македонија играле уште и Енотност од Љубљана, Задар, Црвена звезда и Еѓшег од Нови Сад, додека Риека настапила вон конкуренција  бидејќи во тоа време се уште не беше решено прашањето на Истра и Трст.

Дуел меѓу Работнички и Македонија за настап во Белград

За да се добие претставник на Македонија за настап на Сојузниот натпревар во Белград, во Скопје беше организиран двомеч меѓу екипите на Работнички и Македонија. Во тие први кошаркарски почетоци во Македонија се играше со одбојкарска топка, многу полесна за да прецизно се шутира кон кошот. Средбата е одиграна на теренот со трева на Градскиот стадион кој тогаш беше во изградба. Кошовите беа од обично железо, без мрежички. На овој меч победија кошаркарите на Македонија предводени од Тодор Тодоровски-Цефи, Перо Димовски и Константин Тодоровски со  28:18 и се здобија со право да настапат во Белград, на тоа неофицијално прво првенство на Југославија.

Недоволно подготвени, без некои поголеми кошаркарски знаења, играчите на Македонија заминаа за Белград, по пат учејќи ги кошаркарските правила. Не беа ниту доволно спортски опремени, се снаоѓаа сами , особено да  си најдат патики.

За тоа патување го прочитавме  во „Нова Македонија“ сеќавањето на Перо Димовски еден од учесниците на турнирот во Белград.

  • Нашиот гимнастички клуб како што се викавме, иако игравме кошарка, се мачевме како да си обезбедиме опрема со која ќе играме. Немаше доволен број патики за секој играч, некои настапија и боси. Маичките ни беа еднообразни бидејќи заеднички ги купивме во продавници за текстил, со оние во тоа време точкици што ги добиваше секое семејство за да се снабди со текстил. Не можеа да се купат во слободна продажба. На сите натпревари во Белград игравме со исти маички /дресови/, немавме други . Од Скопје до Белград патувавме со воз, во вагони со дрвени седишта, цели 12 часа, колку што тогаш се патуваше со воз на оваа релација. Со себе си носевме храна, сендвичи, шишиња со вода кои ги полнеа на попатните станици, на кои возот застануваше за да парните локомотиви се снабдат со вода.

За првпат играа со вистинска кошаркарска топка

Во Белград кошаркарите на Македонија не се прославија. Ги загубија сите натпревари, последниот против Партизан со катастрофален резултат 77:1. Не беа ниту физички подготвени, немаа ниту ден тренинг малку повеќе да се уиграат. Освен тоа за првпат играа со вистинска кошаркарска топка која им создаваше големи проблеми, ненавикнати на неа.

Во Нова Македонија многу години подоцна го прочитавме и сеќавањето на Тодор Тодоровски-Цефи за овој меч.

  • За Партизан тогаш играше и Радомир Шапер, подоцна претседател на Кошаркарскиот сојуз на Југославија, потоа високиот Марјановиќ, кој со своите 207 сантиметри изгледаше како џин за нас, бидејќи немавме висок играч во нашата екипа. Сите бевме тука до 180 см височина. Мечот со Партизан беше наш последен на турнирот, веќе немавме сили. Неможевме да одиме, за некое играње и трчање , немаше ниту збор. Времето беше дождливо, се играше на „црвеница “, на отворен терен на  Калимегдан, топката лизгава, натопена со вода. Се мачевме со неа, ни беше преголема, бидејќи во Скопје игравме кошарка со одбојкарска и фудбалска топка, немавме кошаркарска. Никако не можевме да го погодиме кошот на Партизан чии играчи како од шега го полнеа нашиот. Тогаш немаше „тројки“, ниту пак одредено време кога мора да се шутира на противничкиот кош. Се играше 2 Х 20 минути, не како денес 4 Х 10. На крајот сепак успеавме да го погодиме кошот на Партизан и тоа кога Асен Николовски погоди едно од двете слободни фрлања. Натпреварот заврши со победа на Партизан со 77:1, резултат навистина за книгата на гинисовите рекорди.

Да го одбележиме и тогашниот состав на кошаркарите на Македонија од Скопје: Асен Николовски, Миха Илиевски, Перо Димовски, Константин Тодоровски, Тодор Тодоровски, Констанин Лешков, Јордан Димитриевски, Никола Цветковски, Етем Омерагиќ

Можеби е интересно да се напише дека по секој меч во Белград, играчите мораа да одат на преглед , ги прегледуваше подоцна познатиот доктор Смодлака. Не беа тоа прегледи за допинг, туку се контролираше на секој играч капацитетот на градите, притисок по сите тие напори бидејќи не беа професионалци, навикнати на секојдневни тренинзи. Некои кошаркари на Македонија ослабеле на тие натпревари по 3 килограми.

Истата година дојде до фузија меѓу скопските екипи Македонија и Победа, со ново име Вардар.

Се вчитува...