Саутгејт со нови имиња за мечот со Македонија: Деби повици за Палмер и за Луис

Англискиот селектор Герет Саутгејт со дополнителни повици одговори по повредите на дел од првично повиканите фудбалери за квалификацискиот натпревар против Македонија кој се игра на 20. ноември на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

По повредите на Џејмс Медисон и Калум Вилсон, Саутгејт се одлучи со повик во најдобрата репрезентација на Англија да ги награди крилниот офанзивец на Челси, 21-годишниот Кол Палмер кој игра одлично сезонава за тимот од „Стемфорд бриџ“ а вчера го постигна и голот за реми против Манчестер сити.

Исто така повик доби и 20-годишниот фудбалер од средниот ред на Манчестер сити, Рико Луис. И за двајцата ова е деби повик во најдобрата англиска селекција. И двајцата првично беа повикани во репрезентацијата до 21 година на Англија за претстојните ноемвриски натпревари, но сега ќе се приклучат на тимот на Саутгејт.

Како што е познато, неизвесен за доаѓање во Скопје е и фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингам, кој исто така има повреда.

Се вчитува...