Кире Лазаров и Алкалоид се подготвени за новиот предизвик во Лигата на Европа на ЕХФ, домашниот дуел против данскиот претставник Силкеборг (18.45 часот, СЦ „Јане Сандански“).
Македонскиот вицепрвак во минатото коло го освои првиот бод во својата премиерна европска авантура, на тешкото гостување во Шпанија против Ла Риоха, што секако ја крена атмосферата во таборот на Алкалоид пред новите предизвици на европската сцена.
Данскиот состав ќе ја има фаворитската улога на утрешниот натпревар, но Лазаров и неговите избраници се подготвени за битка со реномираниот ривал.
„Самото име на противникот и државата од која доаѓа доволно говори за неговиот квалитет. Ќе играме против данска екипа која со години наназад преку својата лига обезбедува излез во Европа. Инвестициите што ги направија летово со ангажманот на Расмус Лауге од Веспрем, кажуваат дека утре ќе имаме сериозен ривал. Треба да бидеме на едно високо ниво за да можеме да парираме. Ние се движиме во вистински правец, на вториот меч во Шпанија одигравме поквалитетно отколку на првиот дуел со Војводина. Се надевам дека тој раст ќе продолжи и на утрешниот трет меч, тоа е меч во кој треба да се опуштиме и без притисок да одиграме најдобро што знаеме. Нашата публика ќе има можност да гледа еден квалитетен натпревар меѓу две екипи кои играат модерен ракомет. Очекувам тврд, силен натпревар, фаворитската улога им ја препуштаме на гостите, тоа е реалноста, но ние ќе гледаме да се поставиме добро и ако ни се укаже шанса да го искористиме моментот и да стигнеме до позитивен резултат“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА