МЗТ Скопје неуспешно го стартуваше настапот на вториот АБА2 турнир сезонава што се одржува во Златибор, каде македонскиот првак загуби од составот на Хелиос со резултат 83-87. „Металците“ имаат за што да жалат ако се знае дека 37 минути го контролираа резултатот, во третиот период имаа и „плус 15“, но не знаеја како да ја претворат таа доминација во конечен триумф. Пресуден момент беше петтата лична грешка на Танасковиќ во 35. минута, по која МЗТ имаше сериозни проблеми во нападот, четири минути беше без постигнат поен и му дозволи на противникот со пресврт да стигне до победа
МЗТ одлично го отвори натпреварот, поведувајќи со 8-1, принудувајќи го противничкиот стратег уште во раната фаза од мечот да побара тајмаут. „Металците“ лесно го контролираа резултатот, а одличен во оваа почетна четвртина беше Танасковиќ со десет поени (5/5 шут од поле) за осум минути игра, пред да ја заработи втората лична грешка. Македонскиот шампион на стартот од втората четвртина ја имаше и првата двоцицрена предност (26-15), Хелиос за момент се приближи на само два поени негатива (30-28), но МЗТ благодарение на Танасковиќ и на Војдан Стојановски на одмор замина со водство од 41-33.
Аеродромци имаа и 50-35 на стартот од третата четвртина, но потоа се соочија со сериозна криза во нападот, што противникот од Словенија го искористи за да намали на 50-48. Во вистински момент на сцена стапи Војдан Стојановски, големиот ас постигна девет поени во низа, потоа имаше и асистенција за тројка на Петков, па МЗТ влезе во последната четвртина со водство од 64-59. Противникот не се откажа, во четвртиот период израмни на 66-66, а потоа при 72-71 повторно блесна Војдан Стојановски, погаѓајќи уште една тројка за „плус четири“ за македонскиот шампион.
На пет минути пред крајот Танасковиќ ја заработи и петтата лична грешка , Хелиос знаеше како да го искористи тоа и на три минути до крајот стигна до своето прво водство на мечот (75-77), принудувајќи го Васко Атанасов да побара тајмаут. Сепак, советите не вродија со плод, МЗТ не реализираше три удари од далечина, Хелиос влезе во ритам во нападот, успеа да се одлепи резултатски (75-82) и да си го трасира патот до победата, на крајот изразен со конечните 83-87.
Војдан Стојановски одигра одличен меч со 19 постигнати поени, Танасковиќ имаше 18 поени и осум скокови, додека Ворку имаше 15 поени, осум скокови и пет загубени топки.
МЗТ Скопје следниот меч од турнирот во Златибор ќе го игра в четврток во 15 часот против екипата на Сутјеска, која има две победи и еден порази во првите три средби сезонава во АБА2 лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА