Младата репрезентација на Македонија до 21 година денеска ги продолжува подготовките за претстојните предизвици кои ја очекуваат во ноември.
На 16. ноември младите ги очекува дуелот со Грузија, на домашен терен, во рамките на четвртото коло од квалификациите за пласман на ЕП 2025 што ќе се одржи во Словачка.
Еден од најдобрите фудбалери на младата репрезентација на Македонија, Иван Николов вели дека ќе се даде максимум за да се дојде до посакуваниот триумф.
„Можам да ветам дека ќе одиграме максимално борбено и ангажирано на секој дел од теренот и во текот на сите 90. минути. Тоа е нашата одлика што не красеше на првите два меча, голема пожртвуваност и надигрување. Ќе го дадеме нашиот максимум се со цел да се вратиме на победничките патеки, по неочекуваниот пораз од Молдавија. Репрезентацијата на Грузија е доста незгоден противник, но доколку одиграме како што знаеме и умееме, верувам дека ќе славиме победа и ќе освоиме три бодови. Се подготвуваме за овој натпревар, ги слушаме советите од нашите тренери, знаеме кои се нивните слабости, знаеме што е потребно за да се издвојува победа која ни е неопходна во овој момент“ – вели Николов и дополнува:
„На претходните натпревари со Шведска и Холандија одигравме тактички одлично, со многу борба и трчање, буквално тоа што го трениравме и плдготвуваме за тие средби. Со Шведска славевме победа на отворањето на квалификациите, против Холандија бевме многу блиску до остварување на позитивен резултат, но среќата на крајот не беше на наша страна. Холандија победи, но не заслужи. Лично јас, а и моите соиграчи веруваме дека можеме да имаме позитивни квалификации, иако неочекувано бевме поразени од Молдавија на гостински терен. Затоа со нетрпение го очекуваме сите натпреварот со Грузија, за да ја го покажеме и докажеме нашиот квалитет, кој е неоспорен. Имаме супер однос како со стручниот тим, така и меѓусебно ние играчите. Секогаш разговараме и максимално се подржуваме, се со цел да напредуваме во играта и да бидеме уште поподготвени за следните предизвици што не очекуваат. На вистинскиот пат сме, можеме само да напредуваме и да бидеме подобри од натпревар во натпревар“.
По мечот со Грузија, на 21. ноември младите ќе одиграат и пријателски меч со репрезентацијата на Австрија, во Риед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА