Поранешниот фудбалер на Арсенал и Барселона ја заврши кариерата

Поранешниот играч за врска на Арсенал и Барселона, Алекс Сонг официјално се повлече од играњето на фудбал на 37-годишна возраст. Камерунецот ќе се памети по неговото време во таборот на „топчиите“ за кои одигра 204 натпревари со 10 гола и 23 асистенции во периодот од 2007 до 2012 година.

Потоа се пресели во Барселона, каде одигра 65 натпревари, и ја освои титулата во Ла Лига во сезоната 2012/13 и Супер-Купот на Шпанија. Покрај Арсенал и Барселона, Сонг играше и за Бастија, Чарлтон, Вест Хем, Рубин и Сион. Во изминатите три години играше во клуб од Џибути, со кој ја освои титулата. Тој одигра и 49 натпревари за селекцијата на Камерун.

„Со голема тага велам дека дојде време да ги закачам копачките. Патот што го одев од дете, играјќи бос и на тврд чакал, ми даде сила и храброст да успеам. Кога отидов во Франција во Бастија, мислам дека направив чудо. Потоа моето патување продолжи во Арсенал и Барселона, двата најголеми клубови во светот. Толку многу луѓе ми помогнаа на тој пат: мојата сопруга, моите деца, моето семејство, пријатели, мојот агент, моите тренери и моите соиграчи, и на сите вечно ќе им бидам благодарен“, напиша Сонг.

Се вчитува...