Лаутаро Мартинез е еден од ретките примери во модерниот светски фудбал во кој лојалноста се наоѓа пред парите. Во последните години аргентинскиот голгетер редовно е поврзуван со клубови во кои би земал и двојно поголема плата од онаа во Интер, но тој упорно ги одбива сите понуди, покажувајќи дека „нероаѕурите“ се единствениот клуб кон кој е фокусиран во моментов. Минатото лето тој доби неверојатна понуда од Саудиска Арабија, но истата беше одбиена и без посериозно да се разгледа, со порака дека неговата иднина е во Интер.
Агентот на Лаутаро Мартинез, Алехандро Кармано, веќе ги почна преговорите за нов договор со клубот и најавува дека лесно може да се случи одличниот голгетер да остане на „ЏузепеМеаца“ до крајот на кариерата.
„Она што е најважно, нашиот однос со Интер е базиран на меѓусебна доверба. Затоа и сум убеден дека ќе постигнеме нов договор што ќе биде добар и за клубот и за Лаутаро. Она што е најважно е желбата на фудбалерот, тој сака цел живот да остане во Интер, а заслуга за тоа сигурно имаат и луѓето од клубот кои направија тој да се чувствува така. Рано е сега да се говори дали тоа навистина ќе се случи, можеби Интер ќе сака да го продаде ако добие некоја пребогата понуда, но Лаутаро сега е пресреќен каде што се наоѓа и воопшто не ги ни погледнува понудите што пристигнуваат за трансфер“, изјави Кармано.
Интер го доведе Мартинез во своите редови од Расинг Авелјанеда од Аргентина за сума од 25 милиони евра во 2018 година, а неговата моментна вредност на пазарот изнесува околу 100 милиони евра.
Сезонава тој настапи на 16 средби за Интер во сите натпреварувања, притоа постигнувајќи 14 погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА