Еурофарм со нов европски пораз, битолчани 11 минути не дадоа гол и загубија од Пик Сегед

Еурофарм ПЕлистер во седмиот европски меч го претрпе и седмиот пораз сезонава во Лигата на Шампионите, откако македонскиот првак вечерва загуби на гостувањето против Пик Сегед со резултат 34-26. Битолчани имаат за што да жалат, ако се земе во предвид одличниот почеток во кој имаа и пет гола предност, но не успеаја да го задржат темпото. На крај, како пресудна се покажа серијата од 11 минути без постигнат гол во второто полувреме со која домаќините го свртеа резултатот во своја полза и си го трасираа патот до победата. Миклер не беше стартер на голот на Пик Сегед, но искусниот голман беше човек на одлука по влегувањето во игра, откажувајќи ги „пелистерци“ со низа одбранети зицери во клучните моменти.

Дуелот почна со одбранет зицер од голманот Лесјак, по што „пелистерци“ добија на самодоверба и преку Пешевски и Цехте набрзина поведоа со 0-2. Пешевски продолжи да доминира на линијата од шест метри, постигнувајќи го третиот гол во осмата минутаод мечот, за водство на Е. Пелистер од 3-5. Битолчани играа како во транс, па со две украдени топки и контранапади на Радивојевиќ и на Тајник поведоа со 3-7 по нецели десет минути игра. Домашниот тренер побара тајмаут при 4-8, но веќе во следниот напад Лесјак стрелаше во празна мрежа за водство на Пелистер од 4-9.

Македонскиот шампион имаше и 5-10, но Пик Сегед влезе во ритам и за нецели две минути намали на 8-10, враќајќи се резултатски во натпреварот по исклучувањето на Васиљев. Унгарскиот состав играше се подобро, а по петтиот гол на Шоштариќ и намалениот резултат на 12-13 Ангеловски беше принуден да побара тајмаут. Пик Сегед стигна и до израмнување, но битолчани одговорија со два гола во серија и преку Атанасијевиќ поведоа со 14-16. Избраниците на Ангеловски успеаја да ја задржат предноста до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со минимални 18-19.

Македонскиот првак имаше и предност од играч повеќе на стартот од вториот дел (повеќе од минута имаше и двајца ракометари повеќе), но одбраната не функционираше, не даде резултат ниту застанувањето на Кизиќ на местото на Лесјак (Словенецот имаше само три одбрани во првиот дел), па Пик Сегед во 37. минута стигна до првото водство на мечот, со седмерецот што го реализираше Шоштариќ за 22-21. Во најлош момент за „пелистерци“ се разбрани домашниот голман Миклер, што овозможи Унгарците да поведат и со 24-21, принудувајќи го Ангеловски на тајмаут.

Советите не вродија со плод, Миклер продолжи со извонредни одбрани, па водството на домаќините во 43. минута се искачи на 27-21. Црната серија од единаесет минути без гол конечно ја прекина Атанасијевиќ со гол од крило. „Зелено-белите“ се разбудија, успеаја да се вратат во ритам, намалија на 28-25, резултат при кој Миклер им одбрани два зицера на Радивојевиќ и на Петровиќ. Тоа беше и крај на надежите, Пик Сегед повторно влезе во ритам, дополнително ја зголеми предноста и му нанесе на Еурофарм уште еден убедлив европски пораз, изразен со конечните 34-26.

Васиљев беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер со пет гола, по четири постигнаа Атанасијевиќ и Радивојевиќ, додека капитенот Пешевски го заврши мечот со три гола, сите три постигнати во првите десетина минути. Најдобар поединец на мечот беше домашниот голман Миклер со 17 успешни интервенции, а најефикасен во нападот беше Шоштариќ со девет гола и само едно промашување.

Се вчитува...