Ракометарките на Ѓорче Петров остварија уште еден одличен успех на европската сцена откако успеаја да се пласираат во осминафиналето од Европскиот куп на ЕХФ, третото по квалитет натпреварување во женскиот ракомет. Македонскиот состав за противник го имаше белгиски Еупен, кого скопскиот клуб два пати убедливо го доби за заслужен пласман во следната рунда.
Откако ѓорчепетровки славеа на првиот натпревар во Белгија со 39-45, избраничките на Симе Симовски во сличен ритам продолжија и на денешниот меч на домашен терен што го добија со 48-36. Идентично како и на првиот дуел, беспрекорниот напад беше заштитен знак на македонскиот претставник, кој ја наполни мрежата на гостинките од Белгија. Еупен парираше во првиот дел и на одмор се замина само со два гола предност за Ѓорче Петров, за во вториот дел отпорот на гостинките да биде целосно скршен и нашиот претставник да слави со убедливи дванаесет гола предност.
Ризоска и Коларовска одиграа извонредни натпревари за Ѓорче Петров постигнувајќи по единаесет погодоци, додека Марија Јанкуловска и Ангела Јанкуловска го завршија мечот со по седум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА