Феникс со голем пресврт го победи Еуро Никел

Кошаркарите на Феникс забележаа уште една прволигашка победа откако вечерва славеа над екипата на Еуро Никел со 87-82. Кавадарчани сигурно разочарани ќе се вратат дома, ако се знае дека на шест минути до крајот имаа девет поени предност, но не успеаја да ја задржат и претворат во конечен триумф.

Феникс беше подобар противник во првите десет минути, избраниците на тренерот Дервишевиќ експресно поведоа со 16-8, овој дел од мечот завршувајќи го со пет поени предност (26-21). Домашниот состав повторно имаше „плус осум“ и во текот на втората четвртина, но гостите од Кавадарци се вратија и на одмор заминаа со само два поени предност за Феникс, со слободните фрлања што ги реализираше Џонс за 49-47.

Еуро Никел конечно ја консолидираше одбраната, запирајќи го Феникс на само 11 постигнати поени во третата четвртина, по што гостинскиот состав ја презеде и контролата над резултатот. Еуро Никел имаше убедливи 68-77 на шест минути до крајот, но потоа целосно потфрлија и во одбраната и во нападот. Феникс го искористи ова, серијата на домаќините ја почна младиот Стојковиќ, се надоврзаа американските кошаркари, а печат на победата стави Бојан Трајковски, за конечни 87-82 и четврта победа на скопскиот клуб сезонава.

Џонс беше најефикасен во победничкиот табор, по 17 постигнаа Трајковски и Метјус, додека искусниот Соколов ги предводеше стрелците кај Еуро Никел со 19 поени.

Се вчитува...