Партизан успеа да доведе нов центар, но плејмејкерската позиција се уште му создава големи главоболки на тренерот Обрадовиќ. Јарамаз и Доужер не се достојни замени за Мадар и за Егзум, па „црно-белите“ ја продолжуваат потрагата по нов организатор на играта, а на врвот на листата со желби се наоѓа едно добро познато име – Горан Драгиќ.
Искусниот Словенец и во текот на летото беше поврзуван со Партизан, тогаш го одби АБА-шампионот со образложение дека сака да остане во НБА-лигата, а неговиот став останува идентичен и неколку месеци подоцна.
Српските медиуми информираат дека Обрадовиќ гледа на Драгиќ како на идеално решение за проблемите во својот тим, но трофејниот стручњак речиси сигурно ќе остане со празни раце. Иако биле остварени нови контакти и 37-годишниот ветеран се уште е без клуб во НБА, тој се заблагодарил на интересот и јасно ставил до знаење дека е подготвен да чека понуда од најсилната лига во светот, по можност од град на Истокот за да биде што поблиску до своето семејство со кое моментно живее во Мајами.
Драгиќ последниот договор го имаше во Милвоки, каде потпиша во месец март и остана до крајот на сезонава. Сепак, како што стојат работите тој нема да го облече дресот на Партизан без оглед на напорите од тренерот и раководството на српскиот кошаркарски гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА