Скршени срцата на битолчани: Е. Пелистер ограбен и поразен од Пик Сегед

Еурофарм Пелистер претрпе уште еден пораз во Лигата на Шампионите, овој дефинитивно најболен ако се знае дека македонскиот првак загуби од Пик Сегед со минимални 27-28. Битолчани одлично се бореа, но на крајот загубија со гол примен на пет секунди до крајот. Мора да се истакне и огромната грешка на судиската двојка од Франција во финишот, кога при резултат 25-26 за Пик Сегед не беше признаен гол на Борзаш, откако топката ја мина гол-линијата, но арбитрите не го забележаа тоа, ниту пак побараа ВАР-анализа за повторно да ја погледнат спорната ситуација.

Филип Кузмановски доби шанса во стартниот тим и македонскиот репрезентативец уште во првата минута го постигна својот прв погодок за Е. Пелистер, со цепелин на додавање на Цехте. Пик Сегед во своите редови го имаше расположениот Степанчиќ, кој постигна три гола во првите шест минути, а гостите од Унгарија набрзина поведоа со 2-5. Проблемите за битолчани се продлабочија откако Радивојевиќ не реализираше седмерец, a Гедбан првата одбрана ја имаше во 13. минута од мечот, при резултат 5-7. Ангеловски имаше причина да биде незадоволен од изданието на својот тим, па при 6-9 го побара првиот тајмаут на натпреварот. Советите вродија со плод, па Пелистер набрзина намали на 8-9, со третиот гол на Кузмановски кој воедно изнуди и исклучување од Мачковшек. Следеше исклучување на Васиљев, а гостите го искористија тоа и набрзина се вратија на „плус три“, поведувајќи со 9-12. Гедбан одбрани зицер во важен момент, а „пелистерци“ успеаја да се приближат и преку Борзаш намалија на 11-13, за на одмор да заминат со негатива од три гола (12-15).

Битолчани беа бесни на судиите поради неколкуте одлуки на стартот од второто полувреме, исклучувањето на Васиљев и голот на Бомбач при кој топката едвај ја мина гол-линијата, за водство на Пик Сегед од 15-19. Македонскиот првак собра сили и одговори со три гола во низа, преку Цехте намалувајќи на 18-19 и целосно враќајќи се во натпреварот. Судиите му подарија пенал на гостинот, но правдата беше задоволена бидејќи Шоштариќ биеше над гредата. Пешевски стрелаше прецизно на спротивната страна и донесе израмнување, но еуфоријата во салата за момент стивна откако Васиљев го доби и третото исклучување на мечот, автоматски и црвен картон (19-19, 44. минута).

Македонскиот првак не искористи неколку напади за водство при 20-20, а гостите го казнија тоа поведувајќи со 20-22. „Пелистерци“ се вратија, а по голот на Филип Кузмановски за 22-22 гостинскиот тренер побара тајмаут. Шоштариќ постигна три гола во серија по тајмаутот, но Пелистер во своите редови го имаше Петровиќ, кој одговори со два погодоци, па во последните пет минути се влезе со минимално водство на Пик Сегед од 25-26. Гедбан влезе и го одбрани седмерецот на Фримел, потоа запре и зицер на Степанчиќ, а француските арбитри во меѓувреме имаа и огромен превид, не забележувајќи дека топката по ударот на Борзаш ја минала гол-линијата, при резултат 25-26. Токму Борзаш го постигна израмнувачкиот гол за 26-26 на 90 секунди до крајот. Пик Сегед и со играч помалку погоди за 26-27, а по последниот тајмаут наАнгеловски битолчани преку Петровиќ стигнаа до ново израмнување (27-27 на 35 секунди до крајот). Пик Сегед во последниот напад тргна седум на шест и преку Сита стигна до конечна победа, за несреќен пораз на „пелистерци“ во овој европски дуел.

Борзаш беше најефикасен во таборот на Еурофарм ПЕлистер со шест гола, пет погодоци на дебито постигна Филип Кузмановски, а со четири гола мечот го заврши Жарко Пешевски.

Се вчитува...