Пролет и Голден Арт одиграа суперинтересен натпревар во рамките од ракометната Супер-лига, меч на кој домаќините пропуштија одлична можност да победат и на тој начин на две кола до крајот да го осигураат пласманот во плејофот. Голден Арт одлично се врати од негатива од „минус седум“, буквално во последната секунда стигна до израмнување, но пред овој тим е исклучително тешка задача ако сака да го мине Пролет на табелата, бидејќи ќе мора во последното коло да слави против Вардар за да има ило каква шанса да стигне до посакуваното четврто место.
Дуелот почна извонредно за Пролет, домаќините набрзина поведоа со 5-1 по само шест минути игра, а ниту тајмаутот на гостинскиот тренер не го запре нивниот налет, па Пролет експресно стигна и до 8-1. ГА вториот погодок на мечот го постигна дури во 12. минута, за 8-2, а Пролет од тој момент па се до 25. минута постигна самое ден единствен гол, по што гостите се вратија во мечот. Палевски од пенал ја прекина серијата на гостинскиот состав, на одмор се замина со 12-9 за Пролет, а ГА на самиот почеток од второто полувреме успеа да стигне до израмнување (13-13).
До крајо се играше супер-израмнет дуел во кој ниту еден од тимовите не водеше со повеќе од еден гол разлика. Пролет стигна до водство благодарение на Андоновски и на Василевски, а потоа при последниот напад на гостите Димов најпрвин умешно ја украде топката, пред почетнички да ја загуби неколку секунди подоцна. ГА доби нова шанса, првиот шут заврши во гредата, но одбиената топка стигна до Даев, кој ја смести во мрежата на Михаљевиќ за конечните 24-24.
Домашниот капитен Ласко Андоновски беше најдобар поединец на натпреварот со девет постигнати гола, по четири за Пролет реализираа Палевски, Василевски и Арсеновски, додека најефикасни кај ГА беа Стојаноски и Милошески со по шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА