Трстена и Канатларовски меѓу 100 врвни спортски имиња од екс-СФРЈ на „Мундијалот на пријателството“ во Улцињ… (ФОТО/ ВИДЕО)

ЕКИПА во Улцињ, Црна Гора
ФОТО: Роберт Спасовски

Легендите на македонскиот спорт, златниот олимписки шампион Шабан Трстена и поранешниот југословенски и македонски фудбалски репрезентативец Драган Канатларовски беа македонските претставници на раритетниот „Мундијал на пријателството“ кој денеска се одржа во Улцињ, Црна Гора, а кој претставува собир на најдобрите спортисти од поранешна Југославија, репрезентативци во колективните спортови но и медалисти од Олимписките игри а кои оставиле силна трага во екс-југословенскиот спорт.

На едно место во Улцињ, по долги години, се собраа повеќе од 100 врвни спортски имиња од земјите од поранешна Југославија кои се потсетија на славните заеднички денови, а меѓу кои, пред се, фудбалските легенди Дејан Савичевиќ, Иван Гудељ, Ранко Стојиќ, Радмило Михајловиќ, Станислав Караси, Јовица Николиќ, Мехмед Баждаревиќ, Слободан Маровиќ, Блаж Слишковиќ, Драгољуб Беквалац, Љубинко Друловиќ, Сеад Кајтаз, Милован Рајевац…, но и Зоран Мока Славниќ, Светлана Китиќ, Анте Јосиповиќ, Мирко Вучиниќ…

„Ова е собир со кој сакаме да ги избришиме границите, да се потсетиме на деновите кога илијадници врвни спортисти носеа бројни медали за Југославија која беше една од најмоќните спортски нации во Европа и во светот“ – истакнаа спортистите од Црна Гора, Србија, Хрватска, БиХ, Словенија и секако Македонија претставувана од Шабан Трстена и Драган Канатларовски.

Легендата на Црвена Звезда, а актуелен претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, Дејан Савичевиќ, нагласи дека не може да ги сокрие емоциите што гледа на едно место толку многу врвни имиња со кои делел заеднички среќни моменти во минатото.

„Навистина ми е мило што сум дел од овој собир. Мило ми е што ги гледам најдобрите спортисти од поранешната заедничка држава со кои некогаш, во едни убави времиња, се боревме под едно знаме. Ова е порака за едно заедништво, за спорт без поделби на овие простори“ – рече Дејан Савичевиќ.

А, „Мундијалот на пријателството“, беше формирано и претседателство на „Улцињско олимписко село“ кое ќе биде задолжено за организација на вакви собири ширум поранешна Југославија а во кое е и нашиот олимписки шампион Шабан Трстена, заедно со уште 11 истакнати поранешни врвни спортски од Екс-СФРЈ, освојувачи на медали од олимписки игри, меѓу кои Зоран Мока Славниќ, Светлана Китиќ, Мирко Вучевиќ, Јасмин Мркоња, Анте Јосиповиќ, Катарина Булатовиќ…

Дел од овој собир во Улцињ требаше да бидат и прославените македонски фудбалски имиња, Кочо Димитровски, Ванчо Балевски и Драги Сетинов, како и поранешениот истакна интернационален фудбалски судија Гоце Попов, кои поради снежните невремиња на Балканот не успеаја овој пат да присуствуваат на манифестацијата во Црна Гора.

 

Се вчитува...