Зошто Алегри сака да си замине од Јувентус?

Масимилијано Алегри бележи добри резултати со Јувентус сезонава, моментно е второпласиран на табелата со само два бода заостанување зад водечкиот Интер, со реални шанси во битката за скудетото. Токму затоа, изненадувачки делуваше вчерашната информација на „Кориере дело спорт“, чиј уредник Иван Зацарони обелодени дека Алегри е подготвен да си замине од кормилото на „старата дама“.

Тој остана лојален на Јувентус летово откако клубот беше исфрлен од европските натпреварувања, а ланската сезона беше казнет поради скандалот на претходната управа. Алегри имаше на маса богата понуда од Саудиска Арабија, но ја одби инсистирајќи да ја одработи и последната сезона од актуелниот договор со Јуве, иако и челниците на „старата дама“ беа подготвени да му излезат во пресрет ако реши да си замине.

Како што пишува „Кориере дело спорт“, ситуацијата во меѓувреме е променета, Алегри станува разочаран од недоволната доверба на управата, која не му укажа поддршка и околу остварувањето на желбите во летниот преоден рок. Згора на тоа, Антонио Конте во последните месеци неколку пати доаѓал во посета во тренинг-центарот Виново, подгревајќи ги шпекулациите дека преговара со управата за договор од 2024 година, нешто што никој од челниците во клубот не се ни обиде да го демантира, дополнително фрустрирајќи го актуелниот тренер.

„Алегри веќе не е истиот среќен човек што се врати во Јувентус под водство на Ањели во 2021 година. Сега кога претседателот си замина, Алегри чвуствува дека Јувентус е сосема поинаков клуб од пред две години. Атмосферата е целосно сменета, а тој се мачи да воспостави целосна контрола. Посетите на Конте ја влошуваат состојбата и односите во клубот, а секој нов ваков мал „дипломатски инцидент“ уште повеќе го поткопува неговиот авторитет во соблекувалната“, пишува „Кориере дело спорт“.

Преговорите за продолжување на соработката воопшто не се ни стартувани, но за разлика од летово кога Алегри беше подготвен за разговори, трофејниот стручњак сега многу посериозно размислува за заминување, отколку за останување во Јувентус.

„Тој има две опции, секогаш ќе може да замине за големи пари во Саудиска Арабија, или пак да земе една година одмор и да почека… сигурно дека во иднина ќе дојде до промени во големите клубови, а Макс секогаш ќе биде при врвот на нивните листи со желби за нов тренер“, истакнува италијанскиот весник.

Се вчитува...