Навивачите на Њукасл бесни по одлуката за пенал за ПСЖ

Навивачите на Њукасл упатија доста критики кон судијата Симон Марчињак за одлуката да досуди пенал за екипата на ПСЖ на вчерашниот натпревар во Лигата на шампионите. Полскиот судија по прегледување на ВАР снимката, се одлучи да досуди удар од белата точка во осмата минута од судиското надополнување, кој Мбапе го реализираше.

Фановите реагираа на социјалните мрежи искажувајќи го својот гнев за начинот на кој ПСЖ стигна до бод, кој му го отвори патот кон 1/8 финалето во „групата на смртта“ каде што Борусија Дортмунд засега е сигурен во нокаут фазата, додека останатите тимови ќе се борат за второто место. Борусија Дортмунд игра против ПСЖ, додека Њукасл го дочекува Милан во последното коло.

„Ова беше срамен пенал“. „Каков е овој пенал?“, беа дел од реакциите на фановите.

И прославеното име на Њукасл, Алан Ширер коментираше дека тоа не беше пенал. Далеку поблаги во коментарите беа играчите на премиерлигашот.

„Мојот прв впечаток е дека нема пенал. Но тоа е што е, мислам дека прерано почнавме да се браниме. На крајот мораме да му веруваме на судијата“, изјави Александар Исак, напаѓачот на Њукасл кој го постигна голот за својот тим.

Не е спорно дека Ливраменто играше со рака, но топката најпрво му удри во телото, па потоа во раката, и затоа беше насочена реакцијата на поддржувачите на англискиот тим.

Се вчитува...