Огромно е разочарувањето во таборот на Црвена Звезда откако српскиот шампион загуби на гостувањето во Берн од Јанг Бојс, што практично значеше и губење на сите шанси за третото место во групата и преселба во Лигата на Европа од февруари 2024 година.
„Црвено-белите“ најавуваа проект за влез во нокаут-фазата од ЛШ, за таа цел го доведоа Израелецот Барак Бахар за тренер, но токму тој се покажа како едно од најголемите промашувања на српскиот фудбалски гигант. Целокупната српска фудбалска јавност бара отказ за Израелецот, но тој јасно стави до знаење дека не размислува самиот да се повлече од функцијата.
„Почнавме добро со Јанг Бојс, можевме да дадеме три гола во првите шест минути. Сепак, ги промашивме тие шанси, бевме казнети и на крајот загубивме – тоа е приказната на овој натпревар. Ова секако е неуспех, бидејќи сме последни во групата, но треба да бидеме горди на желбата на фудбалерите, кои во ниту еден момент не се предадоа. Дали сум јас виновникот? Виновни се сите, па јас не можам самиот да влезам на терен и да дадам гол. Без оглед на се, не размислувам на оставка, јас се уште верувам во мојата екипа“, изјави Бахар.
Јасно е дека оставка не доаѓа во предвид, па сега на потег е управата на „црвено-белите“, да реши дали да се раздели од Израелецот, одлука која ќе донесе и повеќемилионска сума како отштета за предвремениот раскин на договорот со тренерот кој летово пристигна на „Маракана“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА