Пешевски: Македонските ракометари во Пелистер треба да преземат повеќе одговорност…

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ги очекува дуелот со Киелце во 9. коло од Лигата на шампионите.

„Пелистерци“ во Полска се пред едно од најтешките гостувања во групата, но веруваат дека може да одиграат квалитетен натпревар, и покрај тоа што досега не се прославија нешто со настапите на европската сцена со осум порази од исто толку натпревари.

„Се подготвуваме напорно за Киелце, „ветер во грб“ ни е одличното второ полувреме кое против нив го одигравме во Битола. Пофалните зборови од Талант Душебаев ни даваат до знаење дека треба уште повеќе да „нагазиш“ и да се покажеш во уште подобро светло и на гостински терен. Доаѓањето на Филип Кузмановски ни даде елан за повеќе да веруваме. Македонските ракометари треба да преземат повеќе одговорност. Имаме Македонци кои знаат да играат во Лигата на шампионите и потпомогнати од интернационалните засилувања, време е да одиграме квалитетни шеесет минути и зошто да не се радуваше“ – вели македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски веднаш дополнувајќи:

„Киелце ќе излезе во поинаков состав во споредба со натпреварот во Битола. Тука не играа Алекс Душебаев и Сичко, верувам дека сега ќе играат. Спремаме агресивна одбрана за нив, а во напад треба да бидеме трпеливи и се надевам дека ќе бидеме изненадување. Играта „седум на шест“ секогаш ни е опција. Имаме позитива која нè краси во последниот еден месец и на добар пат сме за позитивни резултати“.

Се вчитува...