Македонија го загуби местото во ракометната Лига на Шампиони

Македонскиот ракомет го загуби загарантираното место што го имаше во групната фаза од Лигата на Шампионите како резултат на слабите резултати што нашите клубови ги имаа во елитното европско натпреварување, но и во останатите европски купови во последните неколку години.

ЕХФ денеска го објави најновиот ранкинг за распределба на местата во европските купови за наредната сезона. На оваа ранг-листа Македонија бележи огромен пад од осмата на тринаесеттата позиција, а ако се знае дека директно место во ЛШ има само за осумте најдобри земји, јасно е дека новиот првак на Македонија е предалеку од директно место во елитното европско натпреварување. Секако, постои опција за учество во ЛШ преку вајлд-карта, но и тоа е  малку веројатно со оглед на резултатите на македонските клубови сезонава и oсумте порази во првите осум натпревари на нашиот првак Еурофарм Пелистер.

Значајна причина за големиот пад е и ланското неиграње на Вардар во ЛШ, откако „црвено-црните“ во последен момент беа исфрлени од ждрепката од ЕХФ поради долговите што ги направи претходната управа на клубот.

Новиот ранкинг значи дека Македонија ќе има две места во Лигата на Европа на ЕХФ, од кои шампионот речиси сигурно ќе има загарантирано место во групната фаза, а вицепрвакот најверојатно ќе треба да игра едно квалификациско коло.

Се вчитува...