Шевченко на местото на Пиоли на клупата на Милан?

Милан игра променливо во Калчо-лигата, а главоболките на управата дополнително се зголемија откако „росонерите“ испаднаа од трката за нокаут фазата во Лигата на Шампионите, што сигурно ќе значи и финансиска загуба од десетина милиони евра за италијанскиот фудбалски гигант.

Стефано Пиоли пред две години беше херој на клубот откако го донесе шампионското скудето, но тие резултати веќе се во заборав, а искусниот стручњак сега се соочува со сериозна опасност да добие отказ од функцијата. Резултатите „топло ладно“ на домашната сцена не му одат во прилог, управата досега му укажуваше доверба и покрај критиките, но сега кога тимот е елиминиран од ЛШ дефинитивно ќе се зголеми и притисокот врз Пиоли, кој во случај на нов „кикс“ во Калчо-лигата би можел експресно да добие отказ.

Андриј Шевченко е името што во текот на денешниот ден често се споменува како нов тренер на Милан. Украинецот важи за играчка легенда на „росонерите“, а по поразот од Борусија Дортмунд тој веќе бил понуден преку неколку менаџерски агенции на раководството на „росонерите“.

Шева не ја крие желбата да се врати на „Сан Сиро“ како тренер, но клупските директори не се убедени дека тоа би бил правилен потег. Имено, катастрофалните игри и резултати како предводник на Џенова се лоша препорака за камбек на Украинецот во италијанскиот фудбал, но останува да се види разврската, па доколку Пиоли навистина добие отказ во наредниот период, Шевченко сигурно ќе биде еден од кандидатите за негов наследник.

Се вчитува...