Македонскиот првак Е. Пелистер како аутсајдер отпатува за Полска на гостувањето против Киелце во рамките од деветтото коло од Лигата на Шампионите.
Битолчани се соочуваат со проблеми пред денешниот меч данскиот бек Каспер Кисум воопшто не отпатува со остатокот од тимот за Полскаа поради сезонски грип, а неизвесно е и дали ќе може да настапи Денис Васиљев, поради законската регулатива за влез на руски државјани во Полска.
Сепак, мечот во Полска е нова шанса за докажување на избраниците на Бранислав Ангеловски кој пред мечот кажа дека ваквите натпревари носат искуство за ракометарите.
„Екипата на Киелце е составена од голем број на индивидуалци, кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот. Посебна мотивација за Киелце не треба да имаме, бидејќи во Лигата на шампионите за нас секој натпревар мотивира. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. Самиот факт дека парираме во одреден дел од натпреварот за нас е успех. Ни фали нешто што со пари не можеме да го купиме, а тоа е времето. Сигурен сум дека овие натпревари ќе донесат искуство за моите ракометари и во понатамошниот дел на сезоната ќе играме на повисоко ниво и ќе ја радуваат нашата јавност и верните симпатизери“, изјави Ангеловски.
Слично размислува и пикерот Жарко Пешевски…
„Се подготвуваме напорно за Киелце, „ветер во грб“ ни е одличното второ полувреме кое против нив го одигравме во Битола. Пофалните зборови од Талант Душебаев ни даваат до знаење дека треба уште повеќе да „нагазиш“ и да се покажеш во уште подобро светло и на гостински терен. Доаѓањето на Филип Кузмановски ни даде елан за повеќе да веруваме. Македонските ракометари треба да преземат повеќе одговорност. Имаме Македонци кои знаат да играат во Лигата на шампионите и потпомогнати од интернационалните засилувања, време е да одиграме квалитетни шеесет минути и зошто да не се радуваше“ – вели македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски.
Натпреварот меѓу Киелце и Еурофарм Пелистер е со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА