Малдини ја отвори душата: Милан го водат луѓе што не ја разбираат големината на овој клуб

Минаа нецели шест месеци откако Паоло Малдини шокантно доби отказ од управата на Милан, само една година откако клупската легенда во улога на директор стигна до шампионското скудето.

Легендарниот дефанзивец во интервју за италијанските медиуми проговори за околностите околу заминувањето, но и исто така ги критикуваше луѓето кои го водат клубот.

„Се уште го сакам Милан, тоа е мојот клуб, но овјо клуб треба да им верува на луѓето кои знаат што значи Милан, во европски рамки, но и за самите навивачи. Сега гледаме дека има некој нов борд на директори, луѓе кои никогаш не се идентификувале со Милан. Претседаетлот Скарони го видовме како многу се радува на скудетото, но јас лично често го гледав како си оди од стадионот порано ако резултатот не беше во наша полза. Ве молам, почитувајте ја историјата на Милан“, порача Малдини.

Тој смета дека еден од клучните проблеми бил ангажманот на Де Кетеларе од Бриж, белгискиот суперталент кој се претвори во големо разочарување.

„Цело време трпев критики за тоа што го донесов Де Кетеларе. Од друга страна, никогаш не добив никаква пофалба што ги донесов Леао, Бенасер, Тео Хернандез… играчи што сега вредат неколку пати повеќе од онаа сума за која дојдоа во клубот. Газдите ми рекоа да направам план и стратегија за тимот да ја освои Лигата на Шампионите. Го направив тоа, но никогаш не го презентирав бидејќи Кардинале веќе имаше решено да ме отпушти. Фурлани ми се жалеше како клубот нема пари за летниот преоден рок… а откако ме отпуштија веднаш обезбедија двојно повисок буџет“, се присети Паоло Малдини.

Се вчитува...