Барселона заврши одлична работа минатото лето успевајќи да ги ангажира Жоао Феликс и Жоао Кансело на едногодишни позајмици, а откако двајцата португалски репрезентативци ги оправдаа очекувањата на каталонскиот гигант, сега Лапорта и неговите соработници сакаат што поскоро целосно да ги откупат овие двајца фудбалери.
Каталонските медиуми обелоденија дека веќе се кова стратегија за до крајот на годинава да се почнат преговори со Атлетико Мадрид и со Манчестер Сити, со надеж дека до крајот на јануари би можел да биде постигнат целосен договор, со што Барса би обезбедила два долгорочни договори, потпишувајќи на четири години со двајцата Португалци.
Атлетико Мадрид минатото лето бараше 80 милиони евра за Феликс, но откако ниту еден клуб не понуди ни приближна сума на крајот беше дадено зелено светло за позајмица на „Камп Ноу“. Барселона е со став дека максималната понуда за Феликс ќе изнесува 40 милиони евра, па останува да се види дали ривалот од Ла Лига ќе прифати ваква сума, три пати пониска од онаа што Атлетико ја плати на Бенфика за да го доведе Жоао Феликс во своите редови.
Што се однесува до Кансело, Манчестер Сити бара 25 милиони евра за десниот бек, но Барса ќе бара попуст и во овие преговори, нудејќи максимални 15 милиони евра за дефанзивецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

