Барселона по голема борба успеа да слави над Асвел со 101-92, меч на кој брилијантен во таборот на каталонскиот гигант беше Лапротивола. Аргентинскиот поентер беше незапирлив за гостите од Франција, завршувајќи го натпреварот со 28 поени, надополнети со девет асистенции, за негова најдобра партија оваа сезона во Евролигата.
Асвел целосно парираше се до 33. минута кога резултатот гласеше 84-83 по тројката на Луваву Кабаро, но Барселона потоа успеа резултатски да се одлепи и да стигне до заслужена победа. Весели додаде 14, а Паркер уште 13 поени за Барса на овој меч, додека најефикасни кај Асвел беа Луваву Кабаро со 20 и Ловерњ со 17 поени.
Басконија ја продолжи серијата добри игри против Валенсија, славејќи во шпанската евролигашка пресметка, и тоа на гостински терен со убедливи 84-98. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека Валенсија 32 минути константно имаше предност, домаќините имаа „плус 12“ во вториот период, но и тоа беше недоволно за да го земат скалпот на Басконија. Хауард ги одржуваше гостите во живот додека беше најтешко, а штом се разбудија и останатите играчи на Дупко Ивановиќ дојде до пресврт, на крајот и триумф изразен со конечните „плус 14“.
Хауард беше прв стрелец на Басконија со 24 поени (6/14 шут за тројка), Монеке постигна 19, а Маринковиќ 14 поени за победничкиот состав.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА